Bayram Altuğ
24 Јануари 2020•Ажурирај: 25 Јануари 2020
ДАВОС (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ -
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека Хрватска блиску соработува со другите партнери, со цел, како што рече, да го деблокира почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија за членство во Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (AA).
Потсетувајќи дека во мај годинава во Загреб ќе биде одржан самит за Западен Балкан, нагласи дека членството на Северна Македонија и Албанија во европскиот блок е историска и стратешка одговорност на цела ЕУ.
„Се надеваме дека со новата методологија којашто се однесува на пристапните преговори и извештаите за напредокот, ќе дојдеме до поповолна атмосфера со цел да овозможиме позитивна одлука“, рече Пленковиќ во разговорот за АА во текот на 50. Светски економски форум во Давос.
Истакна дека Хрватска во јануари го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со ЕУ, додавајќи дека нејзините главни приоритети во тој период ќе бидат прашањето околу Брегзит и буџетот на ЕУ за следните седум години, како и прашањето за Западен Балкан.
Тој исто така изјави дека Хрватска и Турција се пријателски земји, напоменувајќи дека очекува и во наредниот период турските стопанственици да продолжат да инвестираат во неговата земја.
Нагласи дека двете земји имаат многу силно трговско партнерство, додавајќи дека во наредниот период треба исто така дополнително зголемување на меѓусебната трговска размена.
„Имаме многу добри односи, што е многу позитивно и работиме на тоа нашата соработка дополнително да ја продлабочиме“, рече Пленковиќ, и додаде дека е свесен оти Турција долго време е на патот кон ЕУ, поточно од 1963 година.
Изрази уверување дека треба да се води дијалог на највисоко ниво за да се постигне решение околу прашањата кои се однесуваат на процесот на пристапот на Турција во европскиот блок.
На прашањето дека пред 1 јули 2013 година, кога Хрватска стана членка на ЕУ, земјата секоја година ја посетувале околу 200.000 Турци, а по членството само 30-35.000, Пленковиќ рече дека е свесен за тоа.
Тој истакна дека во таа насока се преземаат огромни напори, со цел на државјаните на Турција да им се овозможи што полесно да добиваат визи за влез во Хрватска.