Associated Press
17 Март 2023•Ажурирај: 19 Март 2023
БРАТИСЛАВА (АА) - Владата на Словачка го одобри планот за испраќање на својата флота од 13 борбени авиони „МиГ-29“ од советската ера во Украина, што ја прави втора земја членка на НАТО по Полска која одговори на апелот на украинската Влада, јавува Анадолу.
Објавувајќи ја одлуката, словачкиот премиер Едуард Хегер на прес-конференција рече дека неговата влада е „на вистинската страна на историјата“.
Претходно, Хегер на Твитер објави дека воената помош е од суштинско значење за Украина да може да се брани себеси и цела Европа од Русија.
Министерот за одбрана, Јарослав Над, рече дека Словачка ќе добие 200 милиони евра од Европската Унија како компензација и неодредено оружје од САД во вредност од 700 милиони евра.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски се сретна со Хегер на самитот на Европскиот совет на 9 февруари и побара од него да испрати борбени авиони „МиГ-29“.
Словачката војска ги приземји авионите минатата година бидејќи земјите од ЕУ престанаа да увезуваат руски компоненти потребни за нивно одржување и поправка. Украина, од друга страна, тврди дека ги има потребните делови.
Полскиот претседател Анджеј Дуда вчера изјави дека планираат да испратат борбени авиони „МиГ-29“ од советско производство во Украина во наредните денови.
Дуда упати соопштение за поддршката што неговата земја ќе ја даде на Украина, која е во војна со Русија.
Тој посочи дека планираат да ѝ испорачаат на Украина десетина борбени авиони „МиГ-29“ за да одговорат на апелот на Киев за борбени авиони.