Betül Yürük
08 Ноември 2020•Ажурирај: 09 Ноември 2020
ЊУЈОРК
Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, вети дека ќе биде претседател кој обединува, а не ги дели луѓето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден го одржа победничкиот говор во Вилмингтон во сојузната држава Делавер, а со него на бината беше и избраната нова потпретседателка на САД, Камала Харис.
Истакнувајќи дека е горд на поддршката што ја добил од гласачите во САД, Бајден рече дека како претседател ќе ги води САД во целост и дека нема да гледа на сојузните држави врз основа на тоа за кого гласале на овие претседателски избори.
„Го разбирам разочарувањето на оние што гласаа за претседателот Трамп. И јас два пати губев избори, но да си дадеме шанса едни на други. Време е за напуштање на тврдата реторика, за смирување на тензиите и за меѓусебно слушање. Мораме да престанеме кон ривалите да се однесуваме како кон непријатели“, порача Бајден.
Бајден, исто така, рече дека е време САД да почнат да закрепнуваат, да се борат против пандемијата на Ковид-19, да се борат против системскиот расизам и да се борат против климатските промени. Најави дека на 20 јануари наредната година ќе формира тело во кое експертите ќе работат на спроведување на планот за борба против Ковид-19.
Новоизбраната потпретседателка на САД, Камала Харис, изјави дека САД на изборите избрале обединување, вистина и стручност и дека подобра иднина може да се гради во заедништво.