Islam Uddin
13 Декември 2025•Ажурирај: 15 Декември 2025
АНКАРА (АА) - Разорни поплави и свлечишта во Индонезија и Шри Ланка се причина за над 2.000 мртви и исчезнати лица до денес, покажуваат официјалните податоци, известува Анадолу.
Бури и циклони предизвикаа невидени поплави и свлечишта кои нанесоа големи штети низ Јужна и Југоисточна Азија. Индонезија е најтешко погодена, по којашто следи Шри Ланка.
Националната агенција за управување со катастрофи на Индонезија објави дека досега на индонезисскиот остров Суматра загинале 995 лица, 226 се водат како исчезнати, а повеќе 5.000 се повредени, додавајќи дека спасувачките операции се во тек.
Повеќе од 3,2 милиони луѓе се погодени од катастрофални поплави и свлечишта во поплавените провинции Северна Суматра, Западна Суматра и Ачех.
Во Шри Ланка, бројот на жртви од циклонот Дитва се зголеми на 640, а 211 лица сè уште се водат како исчезнати откако регионот беше зафатен од бура на 17 ноември, објави Центарот за управување со катастрофи.
Од разорните поплави се засегнати над 1,6 милиони луѓе, а оштетени се околу 110.000 куќи, вклучувајќи над 5.700 целосно уништени.
Обединетите нации минатата недела објавија дека најмалку 185 лица загинале во јужен Тајланд, додека 367 се водат како исчезнати. Поради лошите временски услови четири смртни случаи се пријавени во Индија и три во Малезија.