Fatma Zehra Solmaz
23 Февруари 2026•Ажурирај: 23 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Ставот на администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден кон Газа бил „нето-негативен“ фактор за кандидатурата на поранешната потпретседателка Камала Харис на претседателските избори во 2024 година, заклучиja високи претставници на Демократската партија по анализата на изборниот пораз, јавува новинскиот веб-сајт Аксиос, пренесува Анадолу.
Харис, која загуби од Доналд Трамп, во текот на кампањата настојуваше да воспостави рамнотежа меѓу силната поддршка за Израел и повиците за прекин на огнот, како и изразувањето загриженост за палестинските цивили во Газа и заложниците што ги држи Хамас.
Според Аксиос, претставници на Демократската партија вклучени во постизборната „аутопсија“ утврдиле дека поддршката на администрацијата за Израел негативно се одразила врз рејтингот на партијата кај одредени групи гласачи, особено кај младите и прогресивните избирачи.
Во рамките на анализата, советниците на Демократскиот национален комитет одржале средба зад затворени врати со активисти од Проектот за политики на ИМЕУ, организација што се залага за палестинските права. Претставници на организацијата изјавиле дека официјални лица на Комитетот признале оти внатрешните податоци ја опишуваат политиката кон Газа како „нето-негативен“ фактор во изборната трка.
Проектот за политики на ИМЕУ го обвини Демократскиот национален комитет дека делумно го задржал извештајот поради неговите заклучоци поврзани со Израел. Портпаролката на Комитетот, Кендал Витмер, ги негираше овие наводи.
Партиските претставници минатата година соопштија дека извештајот нема да биде јавно објавен, образложувајќи дека неговото објавување би можело да ги загрози напорите за победа на претстојните избори.
Аксиос наведува дека независно потврдил оти лицата што ја спровеле анализата сметаат дека прашањето негативно се одразило врз изборниот резултат на партијата.
На прашање за коментар, советникот на Харис се повикал на нејзините неодамнешни изјави дадени за време на промоцијата на мемоарите „107 дена“, во кои таа изјавила дека администрацијата „требало да направи повеќе“ и „требало јавно да проговори“ во критиките кон начинот на кој израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја водел војната.