Dildar Baykan
29 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
ВАШИНГТОН
Државниот секретар за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Помпео, заблагодарувајќи ѝ се на Турција за испратената медицинска помош, изјави: „Американскиот народ ви е благодарен за вашето пријателство, партнерство и поддршка“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на американската дипломатија Помпео, на социјалната мрежа Твитер ја сподели фотографијата направена во воената база „Ендрјус“, во близина на Вашингтон, каде што слета воениот карго авион со медицинската помош испратена од Турција.
Помпео во пораката на Твитер напиша: „НАТО-сојузниците треба да се заедно во кризни времиња. Ѝ се заблагодаруваме на Турција за нејзината дарежлива донација на медицински материјали и заштитна опрема, што ја испрати за најтешко погодените подрачја од Ковид-19, помагајќи ни во борбата против пандемијата на новиот тип коронавирус. Американскиот народ ви е благодарен за вашето пријателство, партнерство и поддршка.“
- Турција и на САД им подаде рака за помош
По дадените инструкции од страна на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, воен карго авион на Турските вооружени сили од типот „A400M“ слета во воената база „Ендрјус“ во близина на Вашингтон.
Во пакетите со медицинска помош од Турција има 500.000 маски, 400.000 престилки, 2 тони дезинфекциски средства, 500 штитници за лице, 400 маски од типот N95 и 1.500 заштитни очила.
Според последните податоци што ги објави интернет-страницата „Worldometer“, која постојано ги ажурира информациите поврзани со пандемијата на Ковид-19 во светот, во САД се регистрирани 1.035.765 позитивни на тестот на новиот тип коронавирус, а од последиците предизвикани од заразеност со Ковид-19 животот го загубија 59.266 лица.