Beyza Binnur Dönmez
23 Октомври 2022•Ажурирај: 24 Октомври 2022
ЛОНДОН (АА) - Поранешниот министер за финансии Риши Сунак денес и формално најави дека ќе се бори за позицијата лидер на Конзервативната партија и премиер на Велика Британија откако актуелната премиерка Лиз Трас поднесе оставка по само шест недели на функцијата, известува Агенција Анадолија (АА).
„Обединетото Кралство е прекрасна земја, но се соочуваме со длабока економска криза. Затоа јас стојам на располагање да бидам лидер на Конзервативната партија и ваш следен премиер. Сакам да ја поправам нашата економија, да ја обединам нашата партија и да сторам нешто за нашата земја“, напиша Сунак на Твитер.
Истакнувајќи дека во текот на мандатот министер за финансии помогнал во водењето на британската економија низ најтешкиот период, Сунак наведе дека Велика Британија денес се соочува со уште поголеми предизвици, но и дека има можност за вистински избор.
Трас поднесе оставка во четвртокот и стана премиерка со најкраток стаж во британската историја, со само 44 дена на функцијата.
Нејзината оставка следуваше по неуспешните економски планови на нејзината Влада, хаосот на финансиските пазари и нарушената дисциплина и единство во владејачката Конзервативна партија.
Соочувајќи се со Трас во дебатата во август оваа година пред таа да стане премиерка, Сунак се противеше на нејзините планови за намалување на даноците на богатите. Тој се заземаше за директна финансиска поддршка на пензионерите и луѓето со ниски приходи.