Ekipa
26 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
СЕУЛ (АА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун дополнително работи на јакнење на својата популарност и епитет на неизмерен патриот и миротворец во земјата во пресрет на утрешниот историски состанок со јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Утрешниот Корејски самит се одржува трет пат во историјата, а прв во последните 11 години.
„Самитот е историски моментот до кој дојде со нашите напори за воспоставување дијалог и мир на Полуостровот“, јавува прорежимскиот севернокорејски весник „Родонг Синмун“ („Rodong Sinmun“).
Државните медуми од Пјонгјанг, исто така, јавуваат дека до историска релаксација на односите и почеток на процесот за завршување на корејската криза дошло исклучително благодарејќи на остроумноста на Ким Џонг Ун и неговата неизмерна љубов кон корејскиот народ.
Главна тема на утрешниот самит ќе биде започнување на процесот за денуклеаризација во Северна Кореја и постигнување мировен договор со кој формално би била завршена Корејската војна, која е водена пред повеќе од шест децении.
Самитот ќе започне во утринските часови по локално време кога севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ќе ја премине границата и ќе влезе во јужнокорејскиот дел на демилитаризираната зона Панмунџом.
Ким Џонг Ун така ќе стане прв севернокорејски лидер кој застанал на тлото на Јужна Кореја по завршувањето на воените судири водени на средината на педесеттите години од минатиот век.
Тој на Самитот ќе оди со деветчлена делегација во која ќе биде и неговата сестра Ким Јо Џонг.
Шефот на Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја, Им Џонг Сеок, најави дека лидерите на двете Кореи на почетокот ќе засадат дрво на мирот на линијата на разграничување. За крајот на Самитот е најавена вечера која симболично ќе биде послужена во садови од двата дела на Корејскиот Полуостров.