Dilara Hamit
12 Ноември 2022•Ажурирај: 13 Ноември 2022
ВАШИНГТОН (АА) – Сенаторот од редот на демократите, Марк Кели, од американската сојузна држава Аризона, е реизбран на таа позиција според проекцијата што синоќа ја објави Асошиејтед прес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во исто време, резултатите од трката за Сенатот во соседната американска држава Невада сè уште се чекаат. Со оглед на водството на републиканскиот кандидат во таа трка, се чини дека републиканците имаат 50, а демократите 49 сенатори во идниот состав.
Во сојузната држава Џорџија, од друга страна, победникот на изборите за Сенатот би можел да биде познат дури по вториот круг гласање што завршува на 6 декември. Токму оваа сојузна држава ќе ја донесе конечната одлука од изборите за Сенатот, горниот дом на Конгресот.
Ако републиканците победат во Џорџија, ќе имаат доволно места за да обезбедат мнозинство во Претставничкиот дом што брои 100 места.
Но, Сенатот ќе биде рамномерно поделен со 50 наспроти 50 ако победи кандидатот на демократите во Џорџија. При тоа сценарио, американската потпретседателка и демократ Камала Харис ќе натежне на вагата во корист на демократите бидејќи по службена должност ја извршува функцијата претседател во Сенатот, со што демократите би задржале благо мнозинство.
На изборите одржани на 8 ноември во САД се бираа сите 435 претставници на Претставничкиот дом на Конгресот и 35 од вкупно 100 претставници во Сенатот.