Servet Günerigök
08 Октомври 2020•Ажурирај: 08 Октомври 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) треба да ги вратат своите трупи од Авганистан пред да заврши 2020 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„До Божиќ треба да имаме мал преостанат број на наши храбри мажи и жени кои служат во Авганистан!“, напиша Трамп на Твитер.
Тој го даде својот коментар неколку часа откако советникот за национална безбедност, Роберт О’Брајан, изјави дека Вашингтон ќе ги намали своите сили во Авганистан на 2.500 до почетокот на 2021 година.
„Кога претседателот Трамп ја презеде функцијата, во Авганистан имаше над 10.000 американски трупи. Денес има помалку од 5.000, а до наредната година ќе се намали на 2.500“, изјави О’Брајан.
Трамп постојано повторуваше дека сака да ја извлече американската војска од земјата зафатена од војна.
Преговорите меѓу авганистанските лидери и талибанците започнаа во главниот град на Катар, Доха, во септември, по американско-талибанскиот договор постигнат во февруари за стопирање на меѓусебните напади со цел да се даде простор на преговорите. Преговорите се насочени кон тоа да се обезбеди повлекување на американските сили од земјата и ставање крај на конфликтот.
Дејвид Хелви, заменик-помошник секретар на Пентагон за индиско-пацифички безбедносни работи, на 22 септември на законодавците им соопшти дека САД го намалиле бројот на силите во Авганистан на 8.600 војници и дека им предале пет бази на авганистанските сили.
„Долго време тврдиме дека нашето присуство во Авганистан е засновано на услови“, рече тој, истакнувајќи дека во август Трамп одлучил да го намали бројот на американски војници на 4.000 до 5.000 до крајот на ноември.
„САД се подготвуваат да ги повлечат сите свои сили до мај 2021 година ’доколку наложуваат условите‘“, додаде Хелви.