Ekipa
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
СЕУЛ (АА) - Претседателката на Јужна Кореја, Парк Геун Хје, денес изјави дека е подготвена да поднесе оставка поради корупцискиот скандал пред истекот на својот мандат и дека ќе му препушти на Парламентот да одлучи за нејзината судбина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Парк во своето трето обраќање до нацијата, по откривањето на корупциската афера минатиот месец, соопшти дека ќе му дозволи на Парламентот да донесе одлука во врска со нејзиното заминување.
„Ако владејачките и опозициските партии најдат начин да се пренесе власта така што да се намали на минимум можноста за каков било вид на вакуум и конфузија во управувањето, јас ќе се повлечам во согласност со законските процедури“, изјави јужнокорејската претседателка.
Опозицискиот блок денес го претстави својот план за гласање за разрешувањето на претседателката, кое треба да се одржи в петок, по повеќенеделните масовни протести на граѓаните што бараат оставка на претседателката Парк.
Речиси два милиони Јужнокорејци излегоа на улиците во саботата, низ целата земја, повикувајќи ја сè помалку популарната претседателка да поднесе оставка поради обвинувањата дека на својата стара пријателка, ќерка на лидерот на религиозен култ, ѝ дозволила да се меша во важни државни работи.
Иако го негираше остварувањето на личните интереси во текот на дведецениската политичка кариера, пратеникот од главната опозициска партија рече дека Парк може да се соочи со долгогодишна затворска казна откако ќе биде сменета.
„Според процената од страна на нашите правни експерти, Парк може да се соочи со 45-годишна затворска казна“, изјави членот на Демократската партија, Јун Хо-Јонг.
Парк се соочува со притисоци да го промени својот кабинет, откако во вторникот призна дека работните верзии на своите говори ги давала на уредување на својата долгогодишна пријателка Чои Сун-Сил.
Нејзиното јавно извинување на телевизија предизвика уште поголеми критики на сметка на нејзиното лошо управување со националните информации и грубиот стил на раководење, за кој многумина сметаат дека е нетранспарентен.