Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
06 Јули 2019•Ажурирај: 07 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) - Најмалку 19 цивили загинаа, а повеќе од 20 се повредени во воздушните и копнените напади кои припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ги извршуваат од синоќа во зоната на деескалација на судири на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите на режимот на Асад и руските авиони извршија напади на регионите Кефренбил, Хан Шејкун, Бидама, Михамбил, Хас, Бсида, Рекај, Маритирма, Сихјан, Мсибин, Кефер Ајн, Кефр Сечна, Теремела, Бсанкол, Урејнибе, Ерменаја, Сермин, Хис, Абиеин и Амрие.
Припадниците на Цивилната заштита („Бели шлемови“) наведуваат дека се во тек акциите на барање и спасување на цивилите, кои се погодени од нападите. Постои загриженост дека бројот на мртвите би можел да биде зголемен.
Во Идлиб живеат околу 4 милиони жители кои се цел на постојани режимски напади.
Со посредство на Турција и Русија во Сочи на 17 септември 2018 постигнат е договор за примирје во Идлиб и воспоставување на деескалациска зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги запреа артилериските и воздушните напади во тој регион.
Припадниците на Цивилната заштита соопштија дека во нападите на режимските сили, терористичките групи кои ги поддржува Иран и руските сили, извршени во Идлиб, во мај оваа година се убиени 231 цивил, меѓу кои 59 малолетници, а ранети се 659 цивили.
Од септември минатата година и прогласувањето примирје во тој регион се раселени повеќе од половина милион лица.