Esat Fırat
13 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
РАМАЛАХ (АА) - Исам Ебу Бекир, генерален координатор на Палестинските национални сили во Рамала, за АА изјави дека се планирани големи протести во поголем број земји од светот, истакнувајќи, „Почнувајќи од соседните земји Јордан и Либан, во главните градови на 46 земји од светот, вклучувајќи ги и арапските земји, ќе бидат одржани протести против одлуката на САД за признавање на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел и против одлуката за префрлање на Амбасадата од Тел Авив во Кудс“, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот координатор додаде дека палестинските групи се обидуваат да го привлечат вниманието на светската јавност со организирање големи протести, со барање за право на враќање на милиони Палестинци на своите земјишта, од кои присилно биле иселени од страна на Израел.
Бекир посочи дека на овие демонстрации се очекува да учествуваат повеќе стотици илјади Палестинци, првенствено во Ерусалим (Кудс), кој е окупиран од Израел, потоа во Појасот Газа кој е под опсада на Израел и во градовите во окупираниот Западен Брег.
Администрацијата на Трамп на 6 декември 2017 година објави дека го признава Ерусалим за главен град на Израел, истакнувајќи дека на 14 мај, датум кој за Палестинците претставува Ден на Накбе - голема катастрофа, а Израелците го слават како ден на формирање на израелската независност, Амбасадата на САД од Тел Евив ќе биде префрлена во Ерусалим (Кудс). Ваквата одлука предизвика остри критики во регионот, на меѓународен план и од страна на Генерелното собрание на ОН.
Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (PLO), Саиб Урејкат, претходно изјави дека ги повикува државните претставници, дипломати и невладини организации да ја бојкотираат церемонијата на отворање на американската Амбасада во Ерусалим на 14 мај.
Се очекува американската Амбасада, до изградбата на новиот објект, привремено да го користи објектот на конзулатот во Ерусалим.
Претседателот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Хеније, изјави дека Палестинците по повод 70-годишнината од Накбе - големата катастрофа, „ќе ги претворат во катастрофа плановите на Израел и ционистите“.
Израел на 14 мај 1948 година ја прогласи својата независност на територијата на окупираната палестинска земја, а Палестинците, кои беа предмет на присилни миграции, 15 мај го одбележуваат како Ден на Накбе - Големата катастрофа.