Mustafa Deveci,Burak Dağ
27 Ноември 2024•Ажурирај: 28 Ноември 2024
АНКАРА (АА)
Либанците, кои беа принудно раселени поради израелските напади, почнаа да се враќаат дома откако утрово стапи на сила прекинот на огнот, известува Анадолу.
„Контролираните“ судири меѓу Израел и Хезболах, што започнаа на 8 октомври 2023 година, ескалираа последните месеци и се претворија во војна.
Поради израелските напади, принудно беа раселени приближно 1,9 милиони луѓе во Либан, кој има 5,3 милиони жители.
Примирјето постигнато меѓу Израел и Либан, со кое е ставен крај на конфликтот, стапи на сила утрово во 4 часот по локално време (3 часот по средноевропско време).
- Прослава поради враќањето
Во Либан настапи прослава по стапувањето на сила на прекинот на огнот, а Либанците кои поради израелските напади беа насилно раселени почнаа да се враќаат во своите домови.
Голем сообраќаен метеж е забележан на патиштата што водат кон југот од земјата.
Веднаш по стапувањето на сила на прекинот на огнот, некои од оние кои се вратија во своите домови во јужен Либан го прославија тоа со огномет.
Во градовите и селата покрај границата владее неизвесност. Луѓето кои живеат во голем број села и градови покрај граничната линија што Израел ја окупираше во копнениот напад, сè уште не можат да се вратат во своите домови.
Окупацијата на регионот од страна на израелските војници продолжува и тие сѐ уште не се повлекле од овие места.
Либанската Армија објави соопштение во кое ги предупредува жителите на селата и градовите во пограничната област да чекаат израелските војници да се повлечат од окупираните области пред да се вратат во своите домови.
- Многумина нема да можат да ги најдат своите домови
Илјадници Либанци кои по прекинот на огнот радосно тргнаа дома, нема да можат да ги најдат своите домови, бидејќи израелската Армија зад себе остави големи разурнувања во многу делови од земјата, особено во пограничните области, поради копнените и воздушните напади.
За време на копнените напади, израелската Армија избриша од картата многу села и градови покрај границата, тврдејќи дека тие локации им припаѓале на Хезболах.
Според либанската новинска агенција, израелската Армија во копнените акции досега уништила 37 села и градови во јужен Либан и уништила повеќе од 40.000 куќи и станбени згради.
Многу градови како Тир, Сидон и Балбек, особено главниот град Бејрут, беа цел на интензивни израелски воздушни напади. Се вели дека стотици куќи во тие градови се целосно или делумно уништени во израелските бомбардирања и гранатирања.
- Во Израел се раселени 60.000 луѓе
Поради ракетните и нападите со беспилотни летала на Хезболах, жителите на израелските населби во близина на границата со Либан мораа да ги напуштат своите домови.
На северот на Израел, 60.000 луѓе се раселени поради конфликтот.
Израел тврдеше дека копнениот напад врз Либан е неопходен за да можат неговите евакуирани граѓани да се вратат во своите домови на северната граница.