Elena Teslova
29 Декември 2020•Ажурирај: 29 Декември 2020
МОСКВА
Министрите за надворешни работи на Република Турција и Русија, Мевлут Чавушоглу и Сергеј Лавров, се состанаа за да разговараат за меѓународните прашања и да помогнат во подготовките за состанокот на претседателите на двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се состана со Лавров вo рускиот град Сочи, во пресрет на планираниот состанок на Советот за руско-турска соработка на високо ниво, со кој треба да копретседаваат нивните претседатели.
Лавров рече дека и покрај пандемијата на коронавирусот, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, останале во близок контакт, и дека оваа година се состанале на тет-а-тет средби три пати, учествувале на видеоконференција во форматот од Астана и оствариле бројни телефонски разговори.
„Оваа статистика покажува дека нашите односи ги исполнува богата агенда“, рече Лавров.
Додаде дека покрај подготовките за состанокот на претседателско ниво, со колегата би сакал да разговара за случувањата во Црното Море, за Блискиот Исток и за Кавказ.
„Имаме богата меѓународна агенда, случувањата во Сирија, Либија, останатите делови од Блискиот Исток, а неодамна се отвори и прашањето за Нагорно Карабах“, рече Лавров.
Тој додаде дека искрено го цени дијалогот полн со доверба.
Чавушоглу рече дека блискиот однос на претседателите на Турција и Русија, Ердоган и Путин, и заемната доверба меѓу нив служат не само за развојот на билатералните односи, туку и за регионалните врски.
Турскиот министер рече дека жали што пандемијата го спречила потполното одбележување на 100-годишнината од билатералните односи, но дека е задоволен што годината ја завршува со личен состанок.