Elena Teslova
30 Април 2022•Ажурирај: 02 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, го нарече „скандалозен“ предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за пренос на замрзнатите руски средства на Украина и нагласи дека претставува „кршење на сите правни норми“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На брифингот за новинарите во Москва, Песков рече дека со експропријацијата на приватната сопственост, американските власти создаваат „опасен преседан“.
„Ова, се разбира, е многу опасен преседан, тоа е скандалозно искривување на сите правни норми, прекршување на сите правни концепти. Ова не е ништо друго туку обична експропријација на приватната сопственост и секаков обид за псевдолегитимизирање на оваа експропријација“, нагласи портпаролот на Кремљ.
Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот побара од американскиот Конгрес да обезбеди дополнителни 33 милијарди долари помош за Украина. Тој, исто така, побара проширување на видот на имот предмет на заплена од страна на САД, и овозможување САД да го префрлат замрзнатиот руски имот директно на Украина.
Бајден нагласи дека експроприраните средства ќе бидат искористени за финансирање на пакетот помош за Украина вреден 33 милијарди долари.
САД обезбедија вооружување, што вклучува дронови, противтенковска и противвоздушна муниција и тешка артилерија за Киев за борба против Русија.
Според проценките на ОН, најмалку 2.899 цивили загинале, а 3.235 се повредени во Украина откако Русија ја започна војната против Украина на 24 февруари, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 8,3 милиони Украинци пребегнале во соседните земји.