МОСКВА (АА) - Руските експерти за АА денес изјавија дека САД тежнеат кон неколку цели со формирањето на пограничната војска во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на коалицијата предводена од САД, Рајан Дилон, во неделата го објави планот за вформирање на нови Сили за гранична безбедност кои ќе бројат вкупно 30 000 лица заедно со Сириските демократски сили (SDF) - група поддржана од страна на САД која во голем дел е контролирана и менаџирана од терористичката организација ПЈД/ПКК во Сирија.
Дилон нагласи дека војската ќе биде обезбедена со теоретски и технички информации, како и со воена обука и високо-технолошка опрема.
Коментирајќи го таквиот план, експертот на рускиот државен Институт за Блискиот Исток, Сергеј Балмасов, изјави дека ваквите најави на САД во врска со формирањето на погранична војска претставува сигнал за Русија, Турција и за Иран дека ова е сега нивна територија и дека се подготвени да дејствуваат решително.
Балмасов вели дека со формирањето на ваквата зона, Американците сакаат да постигнат неколку цели во Сирија.
„Прво, тие покажуваат дека продолжуваат со своето влијание на ситуацијата и дека ќе ја одржат сликата на силен лидер. Второ, ним им е потребна оваа област за формирање на база од која ќе може да ги набљудуваат околните региони, да го спречат Асад да ја врати контролата над Сирија и да ги заштитат Сириските демократски сили (сириски огранок на ПКК) од напади“, вели експертот.
Тој смета дека под контрола на САД „доброволните вооружени групи“ можат да се претворат во нешто поголемо.
Со оглед на тоа што Курдите заземаа доволен број од богатствата на гас и нафта, тие ќе имаат свои финансиски средства за организација на државата во иднина, додаде тој.
- Курдите како средство за вршење притисок -
„Секако дека САД знаат оти Турција е разочарана од нивните постапки. Но, Вашингтон смета дека интересите на Турција треба да се држат во границите на Турција, додека интересите на САД треба да го опфаќаат целиот свет“, вели Балмасов.
„И покрај фактот што двете земји се партнери во НАТО, тоа не ги спречува САД. Нивниот одговор е секогаш стандарден - Унијата е унија, но не нѐ уценувајте со тоа“, додаде тој.
Во врска со тоа зошто САД избраа да ги вооружуваат Курдите, политичкиот експерт, Анатоли Несмијан, нагласи дека тие биле избрани затоа што претставуваат средство за вршење притисок врз многу земји. САД потпирајќи се на Курдите создаваат проблеми за сите регионални играчи.
„Зборуваме за вистинска поделба на Сирија, секако не легално, затоа што дури и Американците тешко ќе признаат земја како што е Курдистан“, вели Несмијан.
Тој истакна дека прво и основно, таквата политика е насочена против Иран.
„Но, таа исто така и против Турција. Турција, според Вашингтон е премногу независна, тоа многу ги иритира Американците и ги тера да бараат начини да ја држат Анкара на јадица“.
Но како Русија ја гледа улогата на сириските Курди?
Индикацијата на руското гледиште за ова прашање беше дадена на годишната прес-конференција на министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, одржана вчера, на која тој истакна дека Курдите претставуваат значителен дел од сириското население и затоа нивните интереси треба да се разгледаат во делот на политичката спогодба.
Но, Русија стои отворена и одлучна кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, рече Лавров.
- Цел да се подели Сирија -
Во меѓувреме, Несмијан изјави дека само воената операција може да ја промени ситуацијата затоа што Сириските демократски сили тешко би се вратиле од таа територија доброволно.
Борис Долгов, експерт од рускиот државен Институт за ориентални студии и виш истражувач во Центарот за арапски и исламски студии, се согласи дека поделбата на Сирија била една од главните цели на САД, уште од самиот почеток.
„На почетокот тие се потпреа на радикалците, но откако терористите беа поразени, тие почнаа да им пружаат поддршка на сепаратистите“, вели Доглов.
Тој додаде дека целта е да се подели Сирија. Ако не го соборат раководството во Сирија, тогаш да ги остават американските трупи и да имаат армија лојална на САД и Израел.
„Со одвојувањето на Сирија, САД планираат да решат неколку проблеми. Сирија е еден од сојузниците на Иран, а Иран е противник на САД, но првенствено на Израел. Покрај тоа, Сирија го поддржува Хезболах, кој исто така се бори против Израел. Ако Сирија биде поделена или уништена како држава, Иран и Хезболах ќе ја изгубат поддршката, а САД ќе добие основа за поткопување на ситуацијата во други земји. Првенствено во Иран но и во други соседни земји исто така“, изјави Долгов.
Ова е многу опасно, предупреди тој, бидејќи таквото делување ќе се соочи со значителен отпор и следствено ќе доведе до понатамошно влошување на ситуацијата во регионот.