Fatma Bülbül
28 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Претседателите на Франција и на САД, Емануел Макрон и Доналд Трамп, договорија заеднички да одговорат во случај силите на сирискиот режим да извршат нов напад со хемиско оружје, а американските власти тврдат дека постојат некои разузнавачки сознанија за тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Елисејската палата и Белата куќа издадоа соопштение во коешто се вели дека Макрон и Трамп синоќа во телефонски разговор размениле мислење за тврдењата на Пентагон за наводни показатели дека сириската војска подготвува нов хемиски напад.
САД со крстосувачки ракети извршија напад врз воената база Шајрат по априлскиот напад со хемиско оружје, а Макрон и Трамп договорија заеднички да одговорат во случај сириската војска повторно да изврши слично злосторство.
Од Белата куќа е издадено предупредување дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад скапо ќе ја платат сметката доколку повторно посегнат по употребата на забранетото оружје.
И францускиот претседател Макрон претходно предупреди дека употребата на хемиско оружје е црвената линија што сирискиот режим не смее да ја премине, или ќе се соочи со брз и жесток одговор од страна на Франција.