Islam Uddin
16 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) и Јужна Кореја денес ги започнаа годишните заеднички воени вежби и покрај силното противење и заканите за сериозна безбедносна криза од страна на Северна Кореја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Деветдневната вежба на полуостровот се базира главно на компјутерска симулација без обука на терен“, објави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на изјава на началникот на Генералштабот на Јужна Кореја.
„Вежбата по природа е одбранбена како и вообичаено“, соопшти војската.
Според извештајот, Вашингтон официјално не го известил Пјонгјанг. Вообичаено, САД даваат претходна најава за распоредот на редовните вежби на сојузниците.
Минатата недела, Северна Кореја ги предупреди САД и Јужна Кореја за можна безбедносна криза поради нивните заеднички воени вежби.
Во извештајот, Ким Јо-џонг, заменик-директор на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја, рече дека Вашингтон и Сеул ги одржуваат заедничките воени вежби и покрај нивните постојани предупредувања, што сигурно ќе ги натера да се соочат со посериозна безбедносна закана.
Претходно, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, исто така, предупреди дека Пјонгјанг може да ја зајакне својата програма за нуклеарно и конвенционално вооружување за да спречи надворешна закана за нивната земја.
Минатиот месец Северна и Јужна Кореја ги обновија прекуграничните комуникациски линии што беа прекинати од Пјонгјанг во јуни минатата година.
Северна Кореја ја прекина комуникацијата со Јужна Кореја и, исто така, разнесе интеркорејска канцеларија за врски на границата во јуни 2020 година.