Islam Doğru
27 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
ЊУЈОРК
Соединетите американски држави (САД) изразувајќи загриженост поради одложувањето на парламентарните и претседателските избори во Сомалија, повикаа изборите да бидат завршени ‘сигурно и брзо‘, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„САД се длабоко загрижени поради континуираните одложувања и неправилности кои го поткопуваат кредибилитетот на процесот“, рече во писмената изјава портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Во соопштението се истакнува дека ќе биде поддржан состанокот на Националниот советодавен совет што ќе се одржи оваа недела, кој се фокусира на подобрување и забрзување на изборниот процес во земјата.
„САД се посветени на промовирањето мир и стабилност во Сомалија и ќе ги користат сите средства за да ги постигнат овие цели“, се нагласува во соопштението и се додава дека страните треба брзо да ги завршат парламентарните и претседателските избори на сигурен, транспарентен и инклузивен начин.
Кандидатите за претседател на опозицијата во Сомалија на 1 декември соопштија дека одлучиле да бојкотираат, наведувајќи дека недостига транспарентност на парламентарните избори во земјата.
Во земјата забележано е насилство поради доцнењето на изборниот календар. Тензиите се намалија откако премиерот Мухамед Хусеин Робле го презеде процесот, но започнаа дискусии за овластувањата меѓу Робле и претседателот Мухамед Абдула Фермаку.
Изборите за народното собрание започнаа на 16 ноември.