Mehmet Alaca
18 Април 2023•Ажурирај: 19 Април 2023
ЛОС АНЏЕЛЕС (АА) - Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, предложи за следната година да се доделат 1,3 милијарди долари за засолништа и програми за лекување за да се најде решение за „кризата на бездомниците“ во градот, која излегува од контрола, јавува Анадолу.
Во своето годишно обраќање за состојбата на градот пред градскиот Совет, поранешната конгресменка Бас предложи „рекорден“ буџет за бездомниците.
Таа рече дека во буџетот за наредната година би препорачала да се потрошат 1,3 милијарди долари за засолништа и програми за лекување што може да ја решат „неконтролираната криза на бездомниците“ во градот и дека во буџетот ќе се вклучи финансирање за лекување од зависности.
Гувернерот на државата, Гавин Њусом, вети дека ќе обезбеди 500 привремени домови во градот, додека администрацијата на Џо Бајден, наводно, посветила повеќе од 200 милиони долари за програмите за бездомници.
Поранешниот градоначалник Ерик Гарсети потпиша буџет за 2021 година во кој имаше околу 1 милијарда долари за трошоците за бездомниците, но бројката на бездомници продолжи да расте.
Половина од над 40.000 бездомници во градот се борат со зависноста од дрога или алкохол.
Се вели дека секој ден во градот, во просек, умираат пет бездомници.