Kasım İleri
17 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Стотици лица во американскиот главен град Вашингтон се придружија на маршот на „Денот на Мартин Лутер Кинг“, во спомен на познатиот активист, јавува Anadolu Agency (AA).
Секоја година, третиот понеделник во месец јануари е државен празник во САД, познат како Денот на Мартин Лутер Кинг. Оваа година празникот се совпадна со инаугурацијата на новоизбраниот 45. претседател на САД, Доналд Трамп, кој е познат по своите изјави против малцинствата.
Програмата во главниот град на САД започна во утринските часови, со положување венец пред споменикот на Мартин Лутер Кинг. Споменикот се наоѓа во близина на споменикот на Абрахам Линколн, каде што познатиот активист во 1963 година го одржа својот говор. По полагањето цвеќе, групата предводена од актерот Ник Кенон го започна „Мировниот марш во име на Мартин Лутер Кинг“.
Маршот се движеше по булеварот „Мартин Лутер Кинг Јуниор“, сѐ до паркот „Анакоста“, каде што се одржува саемот „Мартин Лутер Кинг“ за туризам, фестивал и здравство, и на оваа парада учествуваа неколку стотици лица.
Десетици невладини организации презентираа музички и танчерски точки на церемонијата, а стотици американски граѓани со плакати во рацете им дадоа поддршка. Вниманието го привлекоа плакатите против Трамп, на кои пишуваше „Не е мој претседател“.
- Протести против Трамп во Њујорк и во Бостон -
Голем број писатели и уметници на роденденот на легендарниот активист за граѓански права, под капата на Пан-американската асоцијација организираа протести против Трамп пред библиотеките во Њујорк и во Бостон, читајќи поезија и проза.
На целата територија на САД беа организирани слични протести на околу 90 места.
Се очекува и другите активности во спомен на Кинг да бидат во знак на протест против новоизбраниот американски претседател Трамп.
Мартин Лутер Кинг на протестниот марш организиран во Вашингтон во 1963 година, под паролата „Марш во Вашингтон за работа и слобода“, на кој учествуваа 250.000 лица, одржа историски говор насловен како „Имам еден сон“, кој стана пресвртна точка во барањето права за Афроамериканците во САД.
Кинг во својот говор во 1963 година го рече следното: „Имам еден сон: ќе дојде ден кога сите мои четири малечки деца ќе живеат во земја во која нема да бидат оценети според бојата на нивната кожа, туку според нивниот карактер“, потпалувајќи го фитилот на патот за барање права за Афроамериканците во САД.
Истата година Кинг ја доби и Нобеловата награда за мир и според законот, се отвори пат на можности за вработување и високо образование не само Афроамериканците, туку за сите малцинства, како и за жените.
Мартин Лутер Кинг животот го загуби во атентат, 1968 година во Мемфис. Претседателот на САД, Џими Картер, 9 години подоцна, во 1977 година посмртно му го додели „Претседателскиот медал за слобода“ и во негова чест го прогласи Денот на Мартин Лутер Кинг. Поранешниот претседател Роналд Реган за време на неговото претседателство со САД, во 1983 го одобри законот изгласан од американскиот Конгрес со кој овој ден беше прогласен за национален празник.
Кинг беше предводник во борбата за граѓански права, а поради својот став на ненасилни протести доби голема поддршка од белците во Америка. Неговото движење беше почитувано од нивна страна.