Dildar Baykan Atalay
22 Јули 2022•Ажурирај: 25 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Покрај дадените предупредувања дека од рекордно високите температури ќе бидат погодени региони во Соединетите Американски Држави (САД) во кои живеат над 100 милиони луѓе, се информира дека екстремните горештини ќе го продолжат и во текот на викендот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Националниот метеоролошки центар на САД се забележува дека температурите на воздухот на многу места во земјата се на рекордно ниво.
„Опасните горештини ќе продолжат да ги зафаќаат југозападниот, централниот јужен и источен дел на САД“, се вели во соопштението.
Посочувајќи дека се очекуваат обилни врнежи и невреме во североисточниот и југоисточниот дел на земјата, во соопштението се додава: „Температурите кои се над нормалата, ќе продолжат во поголемиот дел од САД и во текот на викендот. Тоа значи дека голем дел од населението ќе биде предупредено за екстремна топлина.“
Како главни региони во кои ќе се доживее опасно топло време се посочуваат југозападните, централните, јужните централни региони на земјата и брегот на Атлантикот.
Во сојузните држави Калифорнија, Аризона, Јута и Невада, можно е дневната температура на воздухот да надмине 40 степени, додека во некои јужни сојузни држави, особено во Тексас, температурата на воздухот можно е да го достигне 43-иот степен.
Повеќе од 100 милиони луѓе живеат во областите на САД за кои се издадени предупредувања за екстремни горештини.
- Градските власти ги предупредуваат жителите за горештините -
Оние кои живеат во државата Њујорк предупредени се во наредните денови да не излегуваат, особено напладне, освен ако не мораат.
Додека Муриел Боусер, градоначалничката на Вашингтон, прогласи „температурна вонредна состојба“ до понеделник, предупреди: „Не заборавајте да пиете вода, намалете ја изложеноста на сонце, почесто проверувајте ги вашите соседи, постарите лица и миленичиња.“
Додека е прогласена здравствена вонредна состојба во Филаделфија, друг голем град во земјата, формирани се специјални тимови за доставување помош на оние со посебни потреби.
- Шумските пожари продолжуваат на 85 локации во 13 сојузни држави -
Од друга страна, шумските пожари, кои се зголемија од ефектот на екстремните горештини, продолжуваат да пустошат на 85 точки во 13 држави во земјата. Причината за многуте шумски пожари, експертите ја припишуваат на екстремните горештини.
Националната метеоролошка служба, посочувајќи на симптомите на топлотен удар, ги предупреди луѓето да најдат начини да се разладат.