Michael Gabriel Hernandez
11 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
ВАШИНГТОН
Претставничкиот дом на Конгресот на САД го одобри Предлог-законот на американскиот претседател Џо Бајден за издвојување на 1,9 билиони долари за помош за закрепнување од последиците на пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Се гласаше по партиска линија, но Бајден и демократите со 220 наспроти 211 гласови добија зелено светло за имплементацијата на законот со кој поголемиот дел од Американците ќе добијат директни стимулации во износ од 1.400 долари, проширени детски додатоци и финансиски посилна администрација за борба против пандемијата.
Со тоа, „Американскиот план за спасување“, како што законот е формално насловен, ги зголемува програмите за помош во храната до септември и им помага на домаќинствата со ниски примања да плаќаат станарина.
Сенатот во саботата одобри опсежен пакет на стимулации, кој сега е проследен до Белата куќа, а се очекува американскиот претседател Бајден да го ратификува в петок.
Демократите тврдат дека таквиот пакет на помош е повеќе од потребен бидејќи САД продолжуваат да се борат со двојно зголемената стапка на невработеност и буџетските дефицити на сојузните држави и локалните единици на власта.
Републиканците, меѓутоа, го критикуваа пакетот и го сметаат за своевидна листа на желби на демократите со која непотребно се зголемува јавниот долг.