Hakan Çopur
18 Мај 2021•Ажурирај: 19 Мај 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Демократката Илхан Омар, членка на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД), излезе со реакција кон администрацијата на Џо Бајден, која неодамна, пред нападите во Газа, одобри продажба на американско оружје на Израел во износ од 735 милиони долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Омар, една од првите жени муслиманки пратеници во Конгресот на САД, ја критикуваше администрацијата на Бајден, која одобри продажба на прецизно водени ракети на Израел.
„Би било шокантно за администрацијата на Бајден по ескалацијата на насилството и нападите врз цивилите, да се дозволи на Нетанјаху, безусловно да му се продаде прецизно водено оружје во износ од 735 милиони американски долари“, истакна Омар.
„Доколку оваа продажба биде одобрена, тоа ќе значи зелено светло за продолжување на насилството и запирање на напорите за прекин на огнот“, рече Омар и додаде дека откако ги видела нападите на Израел врз цивилите, американската администрација треба да го преиспита одобрувањето на продажбата на оружје.
Во веста објавена вчера од весникот „Вашингтон пост“, заснована врз извори од Конгресот, се наведува дека администрацијата на Џо Бајден на 5 мај го известила Конгресот дека на Израел му е одобрена продажба на ракети со прецизно водење, познати и како муниција за директен напад (JDAM), во вредност од 735 милиони долари.
Во веста за продажбата се вели дека ова известување се чува во Конгресот на 15-дневен процес за негова проценка, при што се наведува дека некои демократи - членови на Конгресот, се вознемирени поради оваа продажба и бараат информации во врска со деталите на договорот.
Додека траат нападите на Израел врз Палестинците, членовите на Демократскиот конгрес, особено на неговото прогресивно крило, ги изразуваат своите реакции за политиките на администрацијата на Бајден кон Израел.