Michael Gabriel Hernandez
22 Октомври 2021•Ажурирај: 24 Октомври 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Директорката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), Рошел Валенски, го даде конечното одобрение за примање на „бустер дози“ од вакцините против Ковид-19 и за избор на саканата вакцина од трите достапни за милиони Американци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одредени поединци кои веќе ја имаа примено вакцината на „Фајзер-БајоНТех“ ги исполнуваа условите, но Валенски ја одобри оваа препорака само неколку часа пред Центарот за контрола и превенција на болести да се согласи со Администрацијата за храна и лекови да ги вклучат и вакцините „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“.
Лицата кои првите две дози ги примиле од вакцините на „Фајзер-БајоНTех“ или „Модерна“, доколку се на возраст од 65 години или постари, имаат некои здравствени состојби или работат во услови со висок ризик, имаат право да добијат „бустер доза“.
Околу 15 милиони Американци кои ја примиле вакцината „Џонсон и Џонсон“ се подобни за примање на „бустер доза“, доколку имаат 18 или повеќе години и ја примиле првата доза пред два или повеќе месеци.
„Останува на лицето да одлучи од која вакцина сака да добие дополнителна или „бустер доза“. Сите три вакцини се високоефикасни и го намалуваат ризикот на тешки здравствени исходи, хоспитализација и смрт“, се вели во соопштението на здравствениот орган.
„Овие препораки се уште еден пример за нашата основна посветеност да заштитиме што е можно повеќе луѓе од Ковид-19“, рече Валенски.
„Доказите покажуваат дека сите три вакцини против Ковид-19 овластени во САД се безбедни - како што е докажано со преку 400 милиони дози на вакцини кои се веќе дадени. И, сите тие се високоефикасни во намалувањето на ризикот од тешка болест, хоспитализација и смрт, дури и во услови на ширењето на делта-варијантата“, додаде таа.
Неделните смртни случаи од коронавирусот и бројот на заразени се во опаѓање од септември, паралелно со продолжувањето на напорите на САД за вакцинација.
До денеска, над 77 отсто од луѓето во САД на возраст од 12 години или постари примиле најмалку една доза на вакцина, а над 57 отсто од американската популација е целосно вакцинирана. Сепак, постојат големи разлики во нивоата на вакцинација во некои сојузни држави, особено оние на југот и на средниот запад, кои имаат многу ниски стапки во споредба со остатокот од нацијата.