Ekip
15 Март 2018•Ажурирај: 16 Март 2018
ЛОНДОН (АА) - Лидерите на САД, Германија, Франција и Велика Британија, во заедничко соопштение изјавија дека Русија е одговорна за обидот за убиство со труење на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и на неговата ќерка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот француски колега Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и британската премиерка Тереза Меј, изјавија дека не постои никакво алтернативно објаснување за вмешаноста на Русија во нападот со нервен агенс, кој на 4 март се случи во Англија.
Тие наведоа дека Русија со неодговарање на британското барање да даде објаснување, додатно ја потврдува својата одговорност.
Лидерите на четирите земји соопштија дека употребата на хемиско оружје е напад на суверенитетот на Велика Британија и кршење на Меѓународното право.
Британската премиерка Тереза Меј, вчера најави низа мерки против Русија, меѓу кои и протерување на 23 руски дипломати, што е најголемо протерување уште од времето на Студената војна. Таа, за време на обраќањето во Долниот дом на Британскиот парламент, додаде дека руските дипломати имаат рок од седум дена да ја напуштат Велика Британија.
Како одговор на таквата одлука, Русија најави наскоро протерување на британски дипломати.