İslam Doğru
07 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Владата на Саудиска Арабија тајно ангажирала двајца вработени во Твитер за да добие лични информации за опозиционерите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според извештаите на американските медиуми, во жалбата поднесена до Окружниот суд на САД во Сан Франциско се истакнува дека саудиските власти ангажирале вработени во гигантот за социјални медиуми за да обезбедат пристап до приватните податоци на илјадници корисници.
Обвинителите што ја спроведоа истрагата соопштија дека од 2015 година е влезено во профилите на повеќе од 6.000 корисници, а за најмалку 33 профили од нив Армијата на Саудиска Арабија претходно побарала да бидат под итно откриени.
Меѓу тие профили се наоѓаат и познати новинари и владини опозиционери со над 1 милион следбеници.
- Вработените во Твитер се наградени со десетици илјади долари -
Во жалбата доставена до Судот, исто така, се нагласува дека двајцата вработени во Твитер биле наградени со скапи часовници и им биле префрлени десетици илјади долари на тајни банкарски сметки.
Еден од двајцата вработени во Твитер што работеле во име на саудиската Влада, откако бил прекинат неговиот работен однос, заедно со семејството заминал за Саудиска Арабија и веќе не се вратил во САД. Другиот пак, се очекува да се појави пред судија.