Recep Şakar
31 Декември 2017•Ажурирај: 01 Јануари 2018
МЕЛБУРН (АА) - Меѓу земјите кои први влегоа во 2018 година, се најде и Австралија која веќе традиционално организира спектакуларен огномет, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Австралија, 2018 година е дочекана со околу 20 тони огномет кој воодушеви два милиони луѓе во Сиднеј и Мелбурн.
На огномет во Сиднеј присуствуваа околу 1,6 милиони луѓе, од кои речиси половина беа туристи.

Спектакуларната игра на бои и пиротехника на небото траеше околу 20 минути, а државата обезбеди 170 милиони австралиски долари за новогодишната прослава.
Во Мелбурн, огнометот беше пуштан од 22 локации и траеше околу 10 минути. Во австралиските градови се преземени високи мерки за безбедност.

Илјадници луѓе во главниот град на Малезија, Куала Лумпур, ја дочекаа новата 2018 година.
Голем број жители се собраа пред симболот на Куала Лумпур, Кулите Петронас. Кога стрелките на часовникот отчукаа полноќ следеше огномет во центарот на градот.

Низ целиот град организирани се концерти, а некои жители одлучија во Новата година да влезат во религиозен амбиент.
На сличен начин Новата година беше дочекана и во Џакарта, Индонезија. На плоштадот Бундаран се собраа десетици илјади луѓе кои одлучија со добро расположение да се простат од 2017 година.

Индонезијците со музика и танц продолжија со прославата ширум градот.
Во 2018 година порано влегоа и Кинезите, кои за дочекот подготвија спектакуларен огномет.
Популарните делови на Пекинг беа празнично украсени, и на секој чекор можеше да се забележат голем број луѓе во трговските центри и во угостителските објекти.
Од друга страна, во Кина се одбележува и Кинеската нова година, која оваа година ќе започне на 16 февруари. Оваа година, Кинезите зад себе ќе ја остават годината на петелот и ќе влезат во годината на кучето.