Ahmet Salih Alacacı
28 Октомври 2018•Ажурирај: 29 Октомври 2018
ПЕКИНГ/ЏАКАРТА/ПАРИЗ/КУАЛА ЛУМПУР - Четирилатералниот Самит за Сирија, којшто се одржа вчера меѓу Турција, Русија, Германија и Франција, беше опсежно покриван од страна на интернационалните медиуми, пишува Anadolu Agency (AA).
Кинеската новинска агенција „Синхуа“ (Xinhua) ги пренесе изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Самитот ќе успее во усвојувањето на искрен и конструктивен пристап, под насловот „Турција, домаќин на четирилатералниот Самит за изнаоѓање политичко решение за сириската криза“.
Кинеската централна телевизија нагласи дека лидерите упатиле повик за воспоставување траен прекин на огнот и формирање комитет за исцртување на нов устав на Сирија, истакнувајќи ги изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за потребата за придржување кон Договорот склучен помеѓу Турција и Русија на 17 септември за формирање на демилитаризирана зона во Идлиб, Сирија.
Јапонскиот јавен радиодифузен сервис НХК (NHK), исто така го пренесе прашањето за формирање уставен комитет во Сирија до крајот на годината, со цел поставување на темелите за демократски избори.
Индонезискиот весник „Темпо“ ја потенцира важноста од Договорот за Идлиб, како и близината на Турција до сирискиот конфликт и тешкотиите во однос на забавувањето или запирањето на нов мигрантски бран, доколку судирите продолжат.
Слично, и француските медиуми го пренесуваат апелот за одржување траен и стабилен прекин на огнот во Идлиб и за создавање уставен комитет до крајот на годината.
„Ле монд“ (Le Monde) ја пренесе одлуката за потенцирање на потребата за овозможување брз, безбеден и непречен пристап на хуманитарните организации низ Сирија.
Државниот француски сервис „Франс инфо“ (France Info) информираше за повторената посветеност за безбедно и доброволно враќање на бегалците во Сирија, и за борбата против тероризмот во целата земја.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во заедничката декларација вчера повикаа на создавање уставен комитет за Сирија за слободни и фер избори во земјата.
Лидерите „ја изразија својата поддршка за инклузивен, сириски политички процес со помош на Обединетите нации“, се вели во соопштението.