Ekip
18 Октомври 2022•Ажурирај: 19 Октомври 2022
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во северната хималајска држава Утараханд во Индија, седум лица загинаа по пад на хеликоптер, соопштија официјални лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на локалната полиција, хеликоптерот се урнал во областа Гарудчати, превезувајќи аџии, а причината за падот е предмет на истрага.
Абхинав Кумар, официјален претставник на Утараханд, за АА изјави дека сите седум лица во хеликоптерот загинале во несреќата, вклучувајќи го и пилотот.
Нандан Синг Раџвар, офицер за управување со катастрофи во областа Рудрапрајаг, за АА изјави дека хеликоптерот полетал од градот Кедарнат со седум лица во него.
„Сите тела се извлечени од местото на несреќата“, додаде тој.
Градот Кедарнат во државата Утараханд е познат по својот хиндуистички храм кој привлекува аџии од целата земја.