Adham Kako
09 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во првите шест месеци од оваа година, во нападите извршени врз населените места низ Сирија употребиле најмалку 2.908 разорни барел-бомби, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) објави извештај за нападите извршени од страна на силите на сирискиот режим на подрачјата под контрола на вооружената сириска опозиција.
Во извештајот се наведува дека режимските сили употребиле најмалку 2.908 барел-бомби, и дека во тие напади загинале најмалку 169 цивили. Меѓу настраданите има 44 деца и 52 жени.
Исто така, во извештајот се наведува дека меѓу целите на овие напади биле најмалку 32 цивилни комплекси, вклучително и девет џамии и 18 здравствени центри.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) ја повикува меѓународната заедница да изврши додатен притисок врз сирискиот режим, со цел да запре со употребата на разорните барел-бомби, и повикува на прекин на испраќањето финансиска и помош во наоружување за режимот.
Барел-бомбите, познати и како експлозивни буриња или буре-бомби, се вид импровизирано екслозивно средство од евтина изработка кое се карактеризира со голема разорна моќ.
Силите на сирискиот режим интензивно го користат тој вид оружје во нападите на населените места. Станува збор за буре наполнето со експлозив кое се фрла од хеликоптер и предизвикува големо разорување во населените подрачја.