Betül Yürük
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) - Синот на легендарниот боксер Мухамед Али, Мухамед Али помладиот, изјави дека е Американец, но дека по неодамнешното приведување и испитување поради верскиот идентитет, повеќе не се чувствува безбедно во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за АА, Али помладиот и неговата мајка Халила Али открија детали за приведувањето и двочасовното задржување на аеродромот Форт Лодердејл во Мајами, кое се случило на 7. февруари при нивното враќање од Јамајка.
„За време на пасошката контрола ме прашаа како се викам и јас реков дека сум Мухамед Али помладиот. Потоа следуваше прашањето кој ми дал такво име, а јас реков дека името ми го дале моите родители. Потоа ме прашаа за верата, а јас не криејќи ја изненаденоста од прашањата, реков дека сум муслиман. Ме приведоа во друга просторија, во која час и 45 минути ме испитуваа во врска со мојата верска припадност. На крајот, без извинување, ми рекоа дека сум слободен и дека можам да си одам“, изјави 44-годишниот Али.
Али истакнува дека таквиот однос кон него било класично кршење на човековите права, и дека очекува оти таквата практика ќе продолжи сѐ додека во Белата куќа седи претседателот Доналд Трамп.
„За време на инцидентот не знаев што да мислам и да правам, се чувствував токму како и на погребот на татко ми. Да беше мојот татко жив, сигурно би ми рекол да го кренам гласот како муслиман и да го бранам Уставот на својата земја. Јас сум Американец, но тука веќе не се чувствувам безбедно и спокојно. Да се праша за верската припадност е кршење на верските права, а тоа е кршење на Уставот. Тоа мора да престане“, изјави Али помладиот.
Тој изрази загриженост дека повторно би можел да биде приведен кога ќе се враќа во САД од аџилак. Али помладиот се прашува дали администрацијата на Трамп има за цел да ги депортира сите американски муслимани.
И неговата мајка Халила изјави дека службениците за време на пасошката контрола на аеродромот и неа ја прашувале слични прашања, а дека ја привеле во друга соба, одвоено од синот.
„Им кажав дека сум сопруга на Мухамед Али, а тие ме прашаа од каде сум. Реков дека сум родена во Чикаго, а тие ме прашаа дали сум муслиманка. Прво реков дека влегуваат во мојата приватност, а потоа реков дека сум муслиманка. Продолжија да ме испрашуваат, а јас изненадена се обидував да разберам зошто го прават тоа. Не помислив на новите мерки и на забраната кон муслиманите“, изјави Халила.
Таа нагласува дека исламот е вера на мирот и толеранцијата, дека не смее да се поврзува со тероризмот. Исто така, вели дека ниту една религија не ги учи луѓето да убиваат, а американската власт би требало да ги прогонува криминалците и злосторниците, а не невините луѓе.
На прашањето на новинарот на АА како Мухамед Али би постапил денес да беше жив, Халила даде интересен одговор:
„Би отишол во Белата куќа и би го нокаутирал Трамп“, изјави таа.
Адвокатот на семејството Али, Крис Манчини, во разговор за АА изјави дека добиваат пораки на поддршка од муслиманите од сите делови на САД, а дека најтажно е тоа што луѓето во земја којашто со Уставот ги гарантира верските слободи мораат да прашуваат дали да лажат и да го кријат својот муслимански идентитет.
„Владата ќе ја продолжи таа практика. Трамп во јавните настапи тврди дека не се работи за ограничување на слободата на муслиманите, но тоа е лага. Се обидуваме да ги сфатиме потезите на Владата и да си собереме сите прашања што се поставуваат на стотици муслимани како семејството Али, а притоа ќе преземеме и соодветни мерки“, изјави Манчини и додаде дека практиката на Трамп е диктатура што го крши Уставот, но дека за тоа постојат судови што ќе се обидат да го спречат.