Ahmet Karaahmet
09 Март 2025•Ажурирај: 10 Март 2025
ДАМАСК (АА) - Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара соопшти дека е формирана независна национална истражна комисија за настаните кои се случија во Латакија на 6 и 7 март, јавува Анадолу.
Во соопштението на сириското Претседателство се наведува дека е назначена независна комисија од седум члена која ќе ги испита сите аспекти на случувањата во Латакија и ќе ги утврди одговорните.
Независната истражна комисија е овластена да ги истражува причините и развојот на случувањата, да ги истражува прекршувањата извршени врз цивилите и да ги утврди одговорните, како и да ги истражува нападите врз јавните институции, безбедносните сили и војската.
Комисијата, исто така, ќе има овластување да бара поддршка од експерти кога е потребно. Од сите владини институции е побарано целосно да соработуваат со комисијата.
Се очекува истражната комисија во рок од 30 дена да го заврши извештајот за случувањата и да го достави до сириското Претседателство.
Во последниве денови, приморските региони Латакија и Тартус беа средиште на засилени тензии и координирани напади на силите кои сè уште се лојални на паднатиот режим на Асад. Нападите, окарактеризирани како најсериозни од падот на режимот во декември, беа насочени кон безбедносните патроли, контролните пунктови и болниците. Евидентирани се човечки жртви и повредени.
Безбедносните и воените сили одговорија со операции за расчистување со цел да ги совладаат напаѓачите. Акциите доведоа до жестоки судири, а владините претставници тврдат дека ситуацијата се движи кон целосна стабилност.
Башар ал-Асад, лидерот на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија на 8 декември, со што дојде крајот на режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Ахмед ал-Шара, кој ги предводеше антирежимските сили во соборувањето на Асад, на 29 јануари беше прогласен за претседател за периодот на транзиција.