Mahmoud Mohamed Barakat
27 Јануари 2023•Ажурирај: 28 Јануари 2023
АНКАРА (АА) – Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) денеска соопшти дека истрагите откриле дека режимот на Асад е одговорен за нападот со хлор врз градот Дума во 2018 година, во кој загинаа 43 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот објавен од Организацијата за забрана на хемиско оружје се вели дека постојат „разумни основи да се верува“ дека воен хеликоптер на режимот на Асад целел на станбена област во градот со два цилиндри наполнети со хлор.
Градот Дума е главен град на покраината Риф Димашк и се наоѓа на околу 10 километри североисточно од Дамаск.
Според извештајот, два цилиндри биле наполнети во Воздухопловната база „Думајр“ североисточно од Дамаск и биле фрлени од елитните сили „Тигар“ на сирискиот режим.
„Истражниот тим разгледа низа можни сценарија и ја тестира нивната валидност наспроти доказите што ги собра и анализира, за да дојде до заклучок дека Сириските воздухопловни сили се извршители на овој напад“, се вели во соопштението на организацијата.
„Употребата на хемиско оружје во Дума, и каде било на друго место, е неприфатливо и претставува прекршување на меѓународното право“, истакна шефот на ОПЦВ, Фернандо Аријас.
Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) претходно утврди дека режимот користел хемиско оружје во Ал Латамина во март 2017 година и во Саракиб во февруари 2018 година.
ОПЦВ, тело за спроведување на Конвенцијата за хемиско оружје (CWC) со седиште во Хаг, ги надгледува глобалните напори за трајно елиминирање на хемиското оружје.
Употребата на хлорот како хемиско оружје од страна на режимот е кршење на неговите обврски според Конвенцијата за хемиско оружје, на која е член, како и на Резолуцијата 2118 на Советот за безбедност на Обединетите нации.