Burak Karacaoğlu
11 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
ИДЛИБ (АА) - Во подрачјето Хан Шејхун, во градот Идлиб којшто се наоѓа во северниот дел на Сирија, извршен е воздушен напад во којшто животот го загубија најмалку петмина цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Енес Дијаб, одговорен за медиумите при цивилната одбрана на Хан Шејхун, во изјава за АА истакна дека е извршен напад од страна на авионите на Асадовиот режим, а надлежните од цивилната одбрана извлекле пет тела од под урнатините.
Дијаб пренесе дека за првпат е забележан таков тип на проектил, користен во овој напад. Тој изрази загриженост поради можноста за зголемување на бројот на жртвите.
Во нападот со хемиско оружје извршен на 4 април во Хан Шејхун, од страна на режимот, животот го загубија најмалку 100 цивили.
Хан Шејхун се наоѓа во „зоната без судири“ во Идлиб, но и понатаму е цел на нападите на режимот.
Турските вооружени сили се подготвуваат да се позиционираат во зоната без судири во Идлиб, во рамките на постигнатиот договор во Астана со другите земји-гаранти на примирјето во Сирија – Русија и Иран.
Со позиционирањето на елементите на Турските вооружени сили постои цел за зголемување на ефикасноста на примирјето меѓу режимот и опозицијата, за ставање крај на судирите, за доставување на хуманитарната помош, за обезбедување соодветни услови за враќање на раселените лица во нивните домови, како и за давање поддршка за обезбедување соодветни услови за решавање на кризата на мирен начин.