Ekipa
04 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ИДЛИБ (АА) – БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА
Поради неодамнешните зголемени напади во зоната без судири во Идлиб од страна на режимот на Башар ал Асад во Сирија и странските терористички групи поддржани од Иран, на југот на градот беше прекината наставата во 334 училишта.
Мустафа Хаџ Али, портпаролот на Директоратот за образование на Идлиб, во изјавата за АА истакна дека поради нападите на режимот на Башар ал Асад училиштата во Идлиб привремено се затворени.

Хаџ Али, истакнувајќи дека наставата во 334 училишта кои се наоѓаат во јужниот дел на Идлиб е прекината, рече дека во областите каде што се интензивирани нападите наставата не ја следат 80.000 ученици.
„Во областите Хан Шејхун, Маратинуман и Серакиб, каде што режимот на Асад продолжува со варварските напади, наставата е прекината. Поради тие напади во некои населби наставата е прекината за 10 дена, во другите области за 1 месец. Досега како резултат на нападите 7 ученици го загубија својот живот, а 40 ученици се повредени“, рече Али.
Се соопштува дека во областа Хан Шејхун и во местата Џерџеназ, Тух и Кефренбил по едно училиште е делумно оштетено.

Ученикот од петто одделение, Фирас Абаз, кој заедно со семејството ја напуштил областа Хан Шејхун и се сместил во камповите на границата со Турција истакна: „Веќе не можеме да одиме на училиште. Избегавме од нападите. Тетратките, чантите и моливот ги оставивме во своите домови.“
Мухамед Тахсин, ученик од седмо одделение нагласи: „Не можеме да одиме на училиште. Затоа што постојано нè напаѓаат. Сите емигрираа. Еден мој другар загина при нападите.“
Режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран, прекршувајќи го договорот од Сочи, од почетокот на оваа година, во воздушните напади во Зоната за намалување на тензиите во Идлиб усмртија најмалку 105 цивили, а ранети се повеќе од 300 лица. Од почетокот на Договорот за прекин на огнот во Идлиб меѓу Турција и Русија до денес повеќе од 25.000 беа принудени да ги напуштат своите домови.