АЗEЗ (АА)
- Мехмет Бурак КАРАЏАОГЛУ / Омер КОПАРАН
Суад Хаџ Калеф сака да ѝ се врати детето кое е киднапирано од страна на терористичката организација ПКК/ЈПГ, поддржана од САД, во округот Ајн ал-Араб (Кобани), во северниот дел на Сирија, пишува Анадолу.
Терористичката организација ПКК/ЈПГ ја продолжува практиката на киднапирање деца и нивно присилно регрутирање во регионите што ги окупирале во Сирија, каде владее војна.
Терористите главно ги носат киднапираните деца на обука во терористичките кампови и не дозволуваат да комуницираат со своите семејства.
Децата кои во овие кампови минуваат обука за користење оружје, се користат во терористичките активности на организацијата. Терористите на ПКК/ЈПГ, кои се поддржани од САД, на тој начин ги уништуваат соништата на родителите и децата.
Откако го загубила пред 4 години мажот, кој загинал во минско поле во Ајн ал-Араб, Калеф живеела сама со синот, кому сакала да му овозможи да се школува, работејќи на поле.
Нејзиниот 15-годишен син Ахмет Калеф киднапиран е во Ајн ал-Араб од страна на таканаречената младинска структура „Шебибе Севрије“.
Калеф сега е осамена и сака само повторно да го види својот син, да ѝ се врати и да запре терористичката практика на киднапирање деца.
Зборувајќи му за своето искуство на новинарот на Анадолу, Калеф рече дека синот не се вратил дома кога пред два и пол месеци излегол од дома да купи зеленчук и дека е киднапиран од терористичката организација ПКК/ЈПГ.
„Од соседите дознав дека е киднапиран. Го барав во секоја улица како луда“. рече Калеф и додаде дека детето ѝ е киднапирано од структурите кои делуваат под закрила на терористичката организација ПКК/ЈПГ.
Истакнувајќи дека неколкупати заминувала во таа организација да дознае за судбината на својот син, Калеф рече дека секој пат ја враќале.
„Им дадов (на ПКК/ЈПГ) 500 долари. Рекоа дека бил на тренинг во кампот Ферхат Халил во Кобани (Ајн ал-Араб). Отидов таму и барав да ми го дадат синот, не го сторија тоа“, рече огорчено мајката Калеф.
Зборувајќи дека ги известила и лидерите на терористичката организација дека синот ѝ е уште мал и дека треба да оди во училиште, Калеф рече дека не ѝ ги прифатиле аргументите.
„Тие не го прифатија тоа. Не ми го дадоа моето дете. Не ми го покажаа синот. Ми го зедоа синот кого го негував. Дали ова е таа демократска структура за која зборуваат? Го сакам мојот син. Не сакам ништо друго. Мојот син не е воин, не знае да се бори. Ништо не ми остана освен неговите фотографии. Мојот син нема врска со војната“, рече таа.
„Откако загина мојот маж, мојот син и јас останавме сами. Работев на поле за да може тој да учи и да има пристоен живот. Му давав совети да учи и да стекне соодветно образование. Сакаше да биде доктор кога ќе порасне“, раскажува Калеф.
Ожалостената мајка рече дека животот им се свртел наопаку откако синот излегол на кратко од нивниот дом.
„Кога мојот син го одведоа во камп, како да ми ја одзедоа душата. Мојот син не знаеше ништо освен тетратка, молив и училиште. Немам никого освен него. Го одведоа да се бори. Неговиот сон е да порасне, да стане доктор и да им биде од корист на сите“, рече Калеф.
Вирџинија Гамба, специјалната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се состана со лидерот на ПКК/ЈПГ, Ферхат Абди Шахин, со кодно име „Мазлум Абди“, во Канцеларијата на ОН во Женева на 29 јуни 2019 година и на официјална церемонија потпиша акционен план за ставање крај на практиката за користење на децата воини во рамките на организацијата. Туркије на овој настан испрати протестна нота до ОН.
Во својот извештај објавен на 16 јануари 2020 година, Советот на ОН за човекови права наведе дека терористите на ПКК/ЈПГ ги користат децата како „воини“ во Сирија.
Регрутирањето на децата од страна на терористичката организација ПКК/ЈПГ и нивното користење во борбите исто така е ставено на дневен ред заедно со „Извештајот за трговија со луѓе за 2020“, што го објави американскиот Стејт департмент на 26 јуни 2020 година.
„ЈПГ продолжува под присила да регрутира и да користи 12-годишни девојчиња и момчиња од бегалските кампови во северозападниот дел на Сирија“, се наведува во извештајот.
Во годишниот извештај за децата во вооружените судири, што го подготвија ОН за периодот јануари - декември 2022 година, се наведува дека терористичката организација ПКК и нејзините сириски ограноци, СДФ и ЈПГ, користат над 1.200 деца како „војници“.
Во извештајот се наведува дека сирискиот огранок на ПКК, СДФ, регрутирал 637 деца, а структурите поврзани со ПКК/ЈПГ и СДФ регрутирале уште 633 деца.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, исто така даде изјава во врска со овој извештај.
„Исклучително сум загрижен поради користењето на децата како војници од страна на ЈПГ/ПКК. Ги повикувам да престанат да ги користат децата како војници и за други намени и да ги ослободат сите деца кои се во нивните редови“, порача Гутереш.
news_share_descriptionsubscription_contact
