Tufan Aktaş
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
МАПУТО (AA) – Мафалала е сиромашен кварт во Мапуто, главниот град на Мозамбик, и е единствен симбол на темната страна на колонијализмот, расизмот, апартхејдот, а воедно и симбол на отпорот и место од каде што потекнуваат повеќето лидери и интелектуалци кои таа јужноафриканска земја ја изведоа од канџите на колонијализмот и ја поведоа по патот на слободата и развојот, јавува Anadolu Agency (AA).
Мали станбени единици, повеќе колиби отколку куќи, правлив пат и џагор на босоногите деца кои играат на улицата, е сликата на Мафалала, која на прв поглед се разликува од илјада квартови во Африка. Меѓутоа, токму од тоа место потекнуваат политичарите, интелектуалците и поетите кои ја започнаа ослободителната војна и му рекоа не на португалскиот колонизатор.
Првиот претседател на Мозамбик, Самора Машел, неговиот наследник Јоаким Чисано, познати интелектуалци и поети, Хосе Кравеиринја и Ноемиа де Суса се само некои од бројните личности кои со истакнати букви се запишани во историјата на Мозамбик, а родени се и израснале во Мафалала.
Историчарот Хосе Переира во разговор за АА истакна дека Мафалала е место во кое настанало интелектуалното движење на отпорот против колонизаторот Португалија, и дека всушност станува збор за квартот Баиро, кој подоцна го добил името Мафалала, според истоимениот познат традиционален мозамбиски танц.
„Мафалала е Мозамбик во мало. Меѓу неколкуте илјади жители во тоа место живеат муслимани, христијани, различни етнички и расни групи. Националниот план на отпорот и речиси сите државни манифести се пишани токму во тој кварт. Тоа е воедно и центар на националната култура којашто за главна инспирација го има отпорот кон колонијализмот и апартхејдот“, вели Переира.
Мозамбик од 1962 до 1975 година водеше ослободителна војна против колонизаторите; предводниците на борбата за слобода, политичарите, новинарите и уметниците тајните состаноци ги одржувале токму во Мафалала.
Португалските колонизатори во 1899 година, во Мозамбик наметнале апартхејд така што со закон било уредено богатите доселеници да живеат во модерни и бетонски градови (Cidade de Cimento), а локалните етнички групи и сиромашните племиња ги населувале квартовите изградени од трска и од други примитивни материјали (Cedide de canico).
На локалното население законски му било забрането да гради куќи од бетон и цигли, а за да влезат и да бараат работа во бетонските градови, морале перфектно да говорат португалски јазик, да бидат христијани и да се облекуваат како Европјаните.
И покрај фактот што Мафалала има толку големо значење за стекнување на независноста на Мозамбик, овој кварт и денес остана неизграден, а новите генерации деца и денес играат на правливиот пат и шутираат топки од крпа.
Куќите во кои се родени и растеле првите претседатели и јавните личности на Мозамбик сѐ уште се во изворниот облик, а Мафалала ги сочува и народните игри на локалните племиња.
Своевидниот историски музеј на Мозамбик на отворено, Мафалала, стана туристичка атракција и неодминлива дестинација на повеќето туристички агенции што ги носат луѓето во Мозамбик.