Ekipa
21 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
АФРИН/ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Опозициската Слободна војска на Сирија утринава започна со копнена операција за ослободување на Африн од терористите на ПЈД/ПКК кои се цел на операцијата „Маслинова гранка“, што ја започнаа вчера турските вооружени сили со воздушни и артилериски напади врз терористичките упоришта, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА јавува дека борците на Слободната сириска војска рано утринава тргнале кон северниот сириски град Африн и дека во тоа имаат поддршка од турските сили.
Генералштабот на турската војска вчера потврди дека операцијата „Маслинова гранка“ во Африн започнала вчера, во 17 часот по локално време.
Во соопштението се наведува дека операцијата во Африн е започната во рамките на турското право засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 година (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Внимателно планираната операција се спроведува во согласност со приоритетите за заштита на цивилите во подрачјата на воено делување, а стриктната цел на нападите е неутрализација на терористичките елементи во и околу Африн.
Турција во март минатата година успешно ја заврши седуммесечната офанзива „Штитот на Еуфрат“ во северниот дел на Сирија, со која ги расчисти терористичките елементи во тоа подрачје, а вчера започна слична операција на турските сили во Африн, кој под окупација го држат терористите на ПЈД/ПКК.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година без судири им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Станува збор за планинско подрачје од каде што терористите може да изведуваат артилериски напади на пограничниот турски град Килис и одредени делови на турски Хатај. Планината Аманос во тоа подрачје со години е позната како рута која ја користат терористите на ПЈД/ПКК за преминување на границата од Сирија во Турција. Африн има уште едно геополитичко значење бидејќи терористите на ПЈД/ПКК преку него сакаат да го освојат коридорот до брегот на Средоземното Море.
Терористите од Африн се закана и за цивилите во соседните сириски градови кои се ослободени од терористите на ДЕАШ со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, вклучувајќи го и Идлиб, кој е прогласен за зона без судири.
Турција со претходната офанзива „Штитот на Еуфрат“ ги оддалечи терористите на ДЕАШ од своите граници, а со цел да се спречи ширењето на терористите на ПЈД/ПКК долж пограничниот појас го најави Африн како следна цел.
Терористите на ПЈД/ПКК во моментов под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат помеѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-те години води терористичка кампања против Турција и досега во тие терористички напади животот го изгубија речиси 40 000 луѓе.