Enes Canlı
03 Октомври 2025•Ажурирај: 04 Октомври 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Активистите на Глобалната флотила „Сумуд“, кои тргнаа да обезбедат хуманитарна помош за Газа, пристигнаа во пристаништето Ашдод, каде што се приведени, и со слоганот „Слободна Палестина“ му одговорија на израелскиот екстремно десничарски министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, кој ги нарече „терористи“, известува Анадолу.
На сликите споделени на социјалните мрежи, се гледа дека екстремно десничарскиот израелски министер Бен-Гвир пристигнал во подрачјето на пристаништето Ашдод, каде што се држат активистите од Глобалната флотила „Сумуд“, нелегално приведени од израелската Армија.
На видеото, кое ги прикажува активистите како седат на земја, може да се слушне како Бен-Гвир вели: „Погледнете ги овие луѓе, тие се поддржувачи на убијци. Патем, нивните бродови беа нечисти. Тие дојдоа да помогнат во Газа, да им помогнат на терористите. Тие се терористи...“
Вреди да се каже дека видеото се прекинува токму кога активистите почнуваат да скандираат „Слободна Палестина“.
Потоа Бен-Гвир се качи на еден од бродовите на флотилата нелегално запленет од израелската Армија, тврдејќи дека бродовите не носат помош.
Глобалната флотила „Сумуд“, која беше на пат да ја пробие израелската блокада и да достави хуманитарна помош во Газа, се приближи до водите на Газа вечерта на 1 октомври.
Израелската Армија ја нападна флотилата, нелегално запленувајќи десетици бродови и приведувајќи стотици нивни патници.
Глобалната флотила „Сумуд“ е најголемата флотила што некогаш тргнала колективно да достави хуманитарна помош во Газа.