АНКАРА (АА) - Советот за човекови права на Обединетите нации на 27 мај ќе одржи посебна седница на која ќе се разгледа тешката ситуација во врска со човековите права на окупираните палестински територии, вклучувајќи го и Источен Кудс (Источен Ерусалим), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Посебната седница се свикува врз основа на официјалното барање кое синоќа заедно го поднесоа Пакистан, како координатор на Организацијата за исламска соработка (ОИС) и државата Палестина“, се наведува во соопштението од Советот на ОН.
Во писмото упатено до Канцеларијата за човекови права на ОН, координаторот на ОИС за човекови права и хуманитарни прашања, Калил Хашми и постојаниот пратеник на Палестина, Ибрахим Краиши, побараа одржување на посебна седница поради итноста на моменталната ситуација.
Со писмото, амбасадорите приложија и два анекс-документи со земјите на ОИС, како и со земјите кои не се членки на ОИС, а кои се членки и набљудувачи на Советот за човекови права и кои го поддржуваат барањето за посебна седница.
Меѓу земјите кои не се членки на ОИС, свикувањето на ова посебно заседание го поддржаа Кина, Јужна Африка, Венецуела, Боливија, Куба, Мексико, Намибија и Еритреја.
Се смета дека 4.500 Палестинци се наоѓаат во израелските затвори, вклучувајќи 39 жени и 350 административни притвореници, покажуваат податоците на тоа здружение кое помага на палестинските затвореници и нивните семејства.
„Најмалку 230 Палестинци се убиени, вклучувајќи 65 деца и 39 жени, а над 1.700 се ранети во израелските напади врз Појасот Газа од 10 мај“, соопшти денеска палестинското Министерство за здравство. Цел на тие напади се здравствените домови, медиумските простории и станбените квартови.
Тензиите на Блискиот Исток избија за време на Рамазан, откако израелските сили извршија напади врз верниците во „Ал Акса“. Додатна ескалација на тензиите предизвика и одлуката на израелските власти за деложација на палестинските семејства од квартот Шејх Џерах.