Michael Gabriel Hernandez
29 Октомври 2022•Ажурирај: 02 Ноември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Пол Пелоси, сопругот на претседателката на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави, Ненси Пелоси, беше опериран поради фрактура на черепот по нападот во домот на парот во Сан Франциско, Калифорнија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Пол Пелоси беше нападнат во својот дом од напаѓач кој се однесуваше насилно со закана по животот барајќи да се види со спикерката“, истакна Дру Хамил, портпаролот на Ненси Пелоси.
„Господинот Пелоси беше примен во Општата болница Закерберг во Сан Франциско, каде што му беше извршена успешна операција за санирање на фрактурата на черепот и сериозните повреди на десната нога и раце“, се наведува во соопштението.
Неговите лекари очекуваат целосно закрепнување.
Пол Пелоси (82) е пренесен во болница по пристигнувањето на полицијата и му била укажана медицинска помош и тој е во стабилна состојба, објави телевизискиот канал КНТВ, цитирајќи анонимни болнички извори.
Мотивот за нападот не е познат, но органите на редот рекоа дека полицајците биле испратени во домот на Пелоси околу 2:27 часот по полноќ. Кога пристигнале, Пелоси и осомничениот држеле чекан, изјави за новинарите началникот на полицијата Бил Скот.
Осомничениот, кого Скот го идентификува како 42-годишниот Дејвид Депапе, продолжувал да го влече „чеканот од господин Пелоси и насилно го нападна со него“.
„Нашите полицајци веднаш го разоружаа осомничениот, го приведоа и пружија медицинска помош“, рече Скот.
Според полицијата, Депапе е обвинет за обид за убиство, напад со смртоносно оружје, злоупотреба на постаро лице, провала и уште неколку дополнителни кривични дела.
Американската полиција на Капитол, ФБИ и полициската управа во Сан Франциско започнаа заедничка истрага за упадот и нападот, соопшти Канцеларијата на Ненси Пелоси.