Selen Temizer
26 Октомври 2022•Ажурирај: 27 Октомври 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека е задоволен од соработката меѓу Туркије и Шведска во контекст на членството во НАТО и дека наскоро ќе ја посети Туркије и ќе се сретне со претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг ова го изјави на прес-конференција по состанокот со романскиот премиер Николае Чиука во седиштето на НАТО.
Наведувајќи дека нема да шпекулира за тоа колку долго ќе трае војната во Украина, Столтенберг рече дека „НАТО е подготвено да ја поддржи Украина, колку и да трае војната“.
„Знаеме дека она што може да го постигне Украина на преговарачката маса зависи целосно од нејзината сила на бојното поле. Затоа, мораме да ја зајакнеме нејзината позиција на преговарачката маса со обезбедување воена поддршка, што е токму она што го прават сојузниците на НАТО“, рече Столтенберг.
На прашањето за членството на Шведска и Финска, Столтенберг рече: „Го поздравувам тоа што Шведска и Туркије работат заедно за спроведување на заедничкиот Меморандум.“
Потсетувајќи дека шведскиот премиер Улф Кристерсон ќе се сретне и со претседателот Ердоган, Столтенберг рече: „Наскоро ќе одам во Туркије за да се сретнам со претседателот Ердоган.“
Столтенберг додаде дека е убеден оти членството на Шведска и Финска ќе биде ратификувано во парламентите на 30-те земји членки.