Michael Gabriel Hernandez
24 Мај 2023•Ажурирај: 25 Мај 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Според едно истражување објавено вчера, повеќе од 122.000 луѓе се затворени во самици во американските затвори и затворски системи низ СоединетитеАмерикански Држави (САД), пренесува Анадолу.
Точните бројки долго време било тешко да се утврдат, делумно поради американскиот затворски систем со повеќе јурисдикции во кои локалната, државната и сојузната влада водат паралелни мрежи.
Не постои единствен орган кој ги собира податоците, што го отежнува создавањето јасна слика за ситуацијата.
Но „Solitary Watch“, групата за застапување, објави значаен извештај во соработка со групата за застапување „Unlock the Box“, според кој, низ САД во 2019 година се регистрирани 122.840 осуденици затворени во самици дневно.
Во оваа бројка се вклучени само затворениците кои во самица минале 22 и повеќе часа, а не се вклучени лицата кои се држат во самици во установи за мигранти или малолетници.
Авторите на извештајот нагласуваат дека бројката е веројатно помала од вкупно регистрираните делумно затоа што се потпира на податоците од воспитно-поправните установи кои самите ги пријавиле.
„Распространетото користење на самици во нашите затвори е хуманитарна криза. Како што потврдија Обединетите нации, станува збор за измачување кое се спроведува на територијата на САД. Сепак, досега немавме сеопфатен број на луѓе кои се наоѓаат во самици“, изјави Џин Касела, директорката на „Solitary Watch“.
Бројката од 122.840 затвореници во самици претставува нешто повеќе од 6 % од луѓето што се наоѓаат во затворите во САД.