Hasan Esen
07 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
БРИСЕЛ (АА) – Јавниот обвинител во Европскиот суд на правдата, Паоло Менгози излезе со став дека Белгија треба да му даде виза на едно сириско семејство од хуманитарни причини, јавува Anadolu Agency (AA).
Барањето виза на едно сириско семејство коешто има потреба од заштита, а беше одбиено од страна на белгиската Влада, и покрај судската одлука, дојде до Европскиот суд на правдата.
Обвинителот Менгози денес излезе со став дека доколку постои опасност од сериозни последици по барателите на виза, државите-членки треба да им издадат виза во хуманитарни цели, и во таков случај, тој смета дека нема да се гледа на тоа дали има некаква поврзаност меѓу лицето што бара виза и државата во која го поднесува барањето.
Обвинителот истакна дека правото на Унијата подеднакво ги обврзува сите држави-членки, па според тоа, како што рече, Белгија треба да се однесува во склад со обврзувачките договори. Тој вели дека состојбата на семејството што бара виза треба да се разгледува во рамките на членот којшто предвидува „спречување на мачење, нечовечко или понижувачко постапување“.
Ставот на обвинителот не е обврзувачки, но се очекува во голема мера да влијае на одлуката на судот.
- Процес -
Сириско христијанско семејство од Алепо, кое има две деца, поднесе барање за виза што се дава во хуманитарни цели, за да избега од војната од Сирија во Белгија. Таткото како образложение посочи дека бил киднапиран од страна на вооружена група, тепан и мачен, а на крајот платил откуп за да биде пуштен на слобода.
Откако пристигнало во Белгија, семејството планирало да поднесе барање за азил, но семејната виза била одбиена од страна на министерот за миграции и преселби на Белгија, Тео Франкен.
Семејството престојува кај нивни блиски во Белгија, а негативната одлука од Франкен ја обжалија пред суд. Во ноември судот одлучи дека семејството е во право и пресуди да им се исплати по 1.000 евра оштета на секој од членовите, за секој поминат ден од жалбата.
Франкен ја обжали одлуката пред Врховниот суд, при што изјави дека ако треба ќе го продаде и мебелот од канцеларијата за да ја надомести штетата. Врховниот суд ја ратификуваше одлуката во корист на семејството. Во меѓувреме, семејството поднесе повторно барање за виза до Бирото за азил и миграции на Белгија, додека пак, бирото побара став од Европскиот суд за правда.
Во Белгија, чие население брои 11 милиони жители, во 2015 година беа поднесени 35.000 барања за азил.