Islam Uddin
18 Септември 2024•Ажурирај: 18 Септември 2024
ИСЛАМАБАД (АА) - Тајванската компанија „Голд Аполо“ денес негираше дека ги изработила пејџерите што експлодираа во Либан, пренесува Анадолу.
Во соопштението компанијата наведе дека корпорацијата „Аполо Голд“ има долгорочно овластување за приватна авторизација на брендот и регионална агенциска соработка со компанијата „БАЦ“, која има лиценца за користење на нејзиниот бренд.
„Во согласност со договорот, ја овластуваме 'БАЦ' да го користи заштитниот знак на нашиот бренд за продажба на производите во одредени региони, но дизајнот и производството на производите целосно се врши од страна на 'БАЦ'“, се вели во соопштението.
„БАЦ Консалтинг КФТ“ е со седиште во унгарската престолнина Будимпешта.
„Во врска со неодамнешните медиумски извештаи за пејџерот АР-924, појаснуваме дека овој модел го произведува и продава 'БАЦ'. Ние обезбедуваме само авторизација за заштитниот знак на брендот и немаме никаков удел во дизајнот или производството на овој производ“, се наведува понатаму.
Претходно основачот на компанијата, Хсу Чинг-куанг, исто така, негираше каква било вмешаност на неговата компанија во изработката на споменатиот пејџер.
Во меѓувреме, тајванското Министерство за економски прашања рече дека нема податоци дека „Голд Аполо“ последниве години ги извезувала своите производи во Либан.
„'Голд Аполо' ги произведува и склопува своите производи во Тајван, а дестинации на извезените производи, главно, се Европа и Северна Америка“, објави веб-страницата Фокус Тајван пренесувајќи го соопштението на Министерството.
Министерството дополнително додаде дека пејџерите произведени во Тајван може да примаат само сигнали, а нивните батерии не може да предизвикаат фатални експлозии.
Во податоците на Министерството се наведува дека „Голд Аполо“ извезла 260.000 комплети пејџери во периодот од 2022 до август 2024 година, а оваа година тие извезле 40.929 главно во Европа и Северна Америка.
Израелската разузнавачка агенција Мосад поставила експлозиви во батериите на пејџерите активирани во вторникот во Либан, при што загинаа 12 лица, беа повредени околу 2.750, а 200 од нив се во критична состојба, според каналот „Скај њуз Арабија“.
„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на официјални лица што сакале да останат анонимни, вели дека пејџерите што либанската група ги нарачала од „Голд Аполо“ во Тајван биле изменети пред да пристигнат во Либан.