Emre Aytekin
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
АНКАРА
Социјалната мрежа Твитер објави дека одлуката за работа од дома за нејзините вработени, што е донесена како превенција од ширењето на пандемијата од новиот тип коронавирус (Ковид-19), доколку е потребно, може да биде продолжена на неопределено, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста објавена на интернет-страницата „Tech Crunch“, главниот извршен директор на компанијата, Џек Дорсеј, испратил имејл во кој се вели дека вработените во Твитер ќе можат да продолжат да работат од дома и по укинувањето на превентивните мерки за спречување на ширењето на Ковид-19 во земјите во кои се наоѓаат.
Дорсеј во пораката истакнува дека не сметаат дека е нужна потребата од физичко присуство на вработените во канцелариите на компанијата, освен на персоналот кој врши инсталирање и одржување на техничката опрема.
Во врска со односот на компанијата по ова прашање, Дорсеј во пораката наведува: „Нашиот пристап по ова прашање е крајно софистициран уште од самиот почеток. Бевме една од првите компании кои преминаа на работа од дома. Ќе продолжиме со тоа наш приоритет да биде безбедноста на нашите вработени и заедницата.“
- Твитер премина на работа од дома на 12 март
По ширењето на заразата на Ковид-19, Твитер на своите вработени низ целиот свет на 12 март им испрати порака во која им соопштува дека до следното известување се преминува на работа од дома.
Во пораката било наведено дека компанијата ќе ги исплати трошоците што вработените ќе ги направат за формирање канцеларија во нивните домови, а на оние што не се во можност да работа од дома, ќе им биде понудена работа по договор, пола работно време или плаќање за извршена работа по час.
Технолошките и интернет-компаниите како што се „Епл“ (Apple), „Амазон“ (Amazon), „Мајкрософт“ (Microsoft) и „Гугл“ (Google) им препорачаа на своите вработени во канцелариите низ светот да работат од дома.
Твитер беше „првата компанија во Силиконската Долина која ги принуди своите вработени да работат од дома“.
Компанијата со седиште во Сан Франциско во американската сојузна држава Калифорнија низ светот има 4.900 вработени.