Mahmoud Mohamed Barakat
13 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
Шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, денес започна преговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за таканаречениот „Договор на векот“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за новинарите пред разговорот со израелскиот премиер, Помпео изјави дека се надева на напредок во врска со мировниот план.
Тој истакна дека со израелскиот премиер ќе разговара и за напорите на Иран и Израел за да се спречи ширењето на Ковид-19.
Помпео треба да се состане и со лидерот на Партијата на сино-белите, Бени Ганц, кој се согласи со Нетанјаху да формираат Влада на единство.
Американскиот државен секретар утринава пристигна во Израел за посета што ќе трае неколку часа.
Американскиот амбасадар во Израел, Дејвид Фридман, не се состана со Помпео поради здравствени проблеми, според извештаите на локалните медиуми.
Американскиот претседател Трамп на 28 јануари 2020 година го претстави таканаречениот „Договор на векот“ за завршување на израелско-палестинскиот судир.
Со тој план Ерусалим (Кудс) е прогласен за неделив главен град на Израел. Трамп тогаш порача дека неговиот план е последна шанса за воспоставување независна палестинска држава.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анексира 30-40 отсто од Западниот Брег, вклучително и целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Планот привлече широки критики од арапскиот свет и беше одбиен од Организацијата на исламска соработка, која ги повика „сите земји членки да не се вклучуваат во овој план или да не соработуваат со американската администрација во неговото спроведување во која било форма“.