Mücahithan Avcıoğlu
26 Август 2025•Ажурирај: 27 Август 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе ја оживеат домашната бродоградба од економски и безбедносни причини, најавувајќи изградба на нови бродоградилишта и бродови на американска територија, во соработка со Јужна Кореја, јавува Анадолу.
„Размислуваме за склучување договори за изградба на бродови. Тие (Јужна Кореја) ги градат многу добро. Исто така, размислуваат да дојдат во нашата земја со бродоградилишта за да започнеме повторно со изградба на бродови“, изјави Трамп пред новинарите по средбата со јужнокорејскиот претседател Ли Џае Миунг во Белата куќа.
„Постојано градевме бродови за сите, а претседателите и луѓето дозволуваа тоа да ни се протне“, истакна претседателот.
Tој нагласи дека во Втората светска војна САД „граделе по еден брод дневно,“ вклучително танкери и други типови бродови, но дека со текот на времето оваа индустрија била запоставена.
Рече дека ќе купат бродови од Јужна Кореја, но исто така ќе ги натераат Јужнокорејците да произведуваат бродови во САД со американскиот народ „и повторно ќе се вратaт во бизнисот со бродоградба“.
Истакнувајќи дека Јужна Кореја е „голем купувач“ на американска воена опрема, Трамп рече дека ќе разговараат за тоа.
Тој, исто така, го пофали „невидливиот“ бомбардер Б-2, велејќи дека „бомбардерот Б-2 беше толку, толку успешен во она што се случи во малата екскурзија што ја направивме. 36 часа. И го збриша - никој досега не видел нешто слично“, осврнувајќи се на нападите врз иранските нуклеарни постројки за време на операцијата „Полноќен чекан“ во јуни.
„Ние го сакаме тоа што го прават. Го сакаме нивниот производ. Ги сакаме нивните бродови. Сакаме многу од работите што ги произведуваат, а тие го сакаат она што го имаме. Имаме работа со нив на Алјаска во врска со нафтата што им е потребна“, додаде тој, осврнувајќи се на Јужна Кореја.